Да не се лажеме, првиот впечаток е мошне важен, особено ако земеме предвид дека можеби и ќе немате шанса за втор.
Постојат парчиња што би можеле да се наречат и деловна класика, без разлика што на секоја комбинација е добредојдено да дадете и свој печат.
Во продолжение ве потсетуваме на 10 парчиња што секоја деловна жена треба да ги поседува:
Миди здолниште
Тесните миди здолништа се идеални за бројни комбинации. Изгледаат строго, но сепак даваат и женствен изглед. Сепак, опција се и широките здолништа под колена. Тие ќе дадат сосема нов изглед, но ако знаете како да ги комбинирате, можете да добиете одлична деловна комбинација. Кога носите широко здолниште, избегнувајте долги блејзери или џемпери, што ќе направат да изгледате покрупно или несразмерно.
Бела кошула
Белата кошула е класика за било кој изглед, вклучувајќи го и деловниот. Во бела кошула ќе изгледате професионално, чисто, истовремено строго и “меко“, а можете да си играте со кројот и така да излезете од стандардната шема на тесна кошула со долги ракави и јака.
Блејзер
Уште едно парче кое ќе го подобри вашиот деловен изглед. Во комбинација со панталони, фустан или темен џинс и соодветна кошула, ќе изгледате сосема професионално, а потоа можете да го вклучите и во некој друг тип на стајлинг. Ако комбинирате црни панталони и бела кошула, тогаш блејзерот нека биде во некоја весела боја и нека внесе живост во вашиот бизнис изглед.
Панталони со тесна ногавица
Иако можеби оние со широка ногавица ви се прва асоцијација на деловен изглед, сепак оние со тесна се сè попопуларни. Одлично изгледаат со чевли на висока потпетица, а и даваат можност за бројни комбинации. Не мора да се црни, одберете беж, кафени, темнозелени, темносини, па дури и некоја жива боја, сè додека знаете да си играте со останатите парчиња од комбинацијата.
Кошула фустан
Кошула-фустан е парчето кое може да се рече оживеа последниве сезони, па дури и се наметна како еден од водечките трендови. Практично парче, кое може да ви се најде за многу други пригоди, освен деловните. Тоа е парче во кое ќе се чувствувате привлечно, дотерано, деловно, а сепак женствено. Еднобојно или со некој принт, на пример риги, ова парче и тоа како ќе го најде местото во вашиот “деловен плакар“.
Капут во боја
Кога мислиме на деловен капут, некако меѓу првите асоцијации ни е безвременскиот беж модел на Макс Мара. Сепак, мора да им се оддаде признание и на новите трендови, па постојат многу различни модели и уште повеќе бои на капути што можете да ги имплементирате во деловниот изглед. Зошто покрај беж, да немате еден виолетов, жолт или темнозелен капут во вашиот гардеробер? Или можеби кариран? Секогаш кога имате можност, играјте си со боите, бидејќи тоа е најбрзиот начин да го освежите изгледот.
Ролка
Ролката е одлична замена за кошула. Дава топол, но и деловен изглед. Во комбинација со панталони и капут дава совршен деловен изглед, особено за сезона есен-зима. Но, кога е ова парче во прашање, не препорачуваме да експериментирате многу со бои, бидејќи многу лесно може да згрешите. Држете се до беж, сиво, црно, а на сметка на тоа боја внесете со некое друго од споменатите парчиња погоре.
Деловна чанта
Ниту една комбинација не е комплетна без соодветна чанта. Успешните жени секогаш имаат макар една во поголеми димензии, за да ги собере сите потребни нешта – од декоративна козметика, до важни документи. Дури и да немате многу работи за носење, големите деловни чанти даваат попрофесионален изглед. Малите се подобра опција за полежерни пригоди, затоа не двоумете се да инвестирате во квалитетна чанта, бидејќи таа значително ќе го подобри вашиот изглед.
Дискретни обетки
Премногу накит никогаш не е добра опција кога е деловниот изглед во прашање. Затоа, дискретни обетки се сосема доволни во комбинација со часовник да речеме. Ако не сте љубител на обетки, тогаш можете да се одлучите за некое дискретно ланче во комбинација со прстен. Но, не дозволувајте накитот никогаш да ви биде во преден план.
Чевли со удобна потпетица
Ако имате квалитетна облека и чанта, тогаш не можете да потфрлите со чевлите. Тоа е исто така едно од оние модни додатоци во кои и тоа како вреди да инвестирате. Ако водите активен деловен живот, тогаш несомнено ви се потребни обувки кои ќе изгледаат добро, но уште поважно ќе бидат и удобни. Тенките потпетици не се секогаш идеалното решение за деловен изглед, но оние со широка да. Ќе можете да функционирате во текот на целиот ден, а воедно и ќе изгледате убаво и софистицирано.