Даниела од Fashion DNA креира уникатни детали за мажи со неконвенционален стил

13 мај 2015

Урбаните девојки од модниот блог Fashion DNA, постојано се активни во својот колоритен моден свет и го брануваат со позитивна енергија нашето секојдневие.

Овој пат, Даниела, едната половина од дуото кое стои зад овој моден блог, креираше уникатни модни детали за машката популација.

Даниела, модна блогерка Даниела, модна блогерка

Се работи за рачно насликани модни парчиња: машни-пеперутки, вратоврски како и марами. Со интересен дизајн и необични мотиви, овие модни додатоци одлично ќе се вклопат во стилот на сите оние урбани момци со слободен дух, кои размислуваат „надвор од кутијата“.

Во период на матурски подготовки, еве одлична идеја за матурантите како да дадат необичен и автентичен печат на својот матурски изглед.

„Идеата да почнам да цртам на текстил дојде спонтано. Првите бои за цртање ги добив како подарок  со целосна доверба дека ќе знам добро да ги искористам иако никогаш до тогаш не сум го правела тоа. Студирам  Дизајн и инженеринг на облеката и како моден блогер (FashionDNA) и љубител на модата сметам дека можеби до негде знам што би им се допаднало на луѓето. Марамите беа првите парчиња кои ги нацртав и тоа беше како една мала "колекција" која ја нареков Ballet or Cat? Потоа сфатив дека можеби тоа што барем кај нас не е толку застапено се уникатните машки модни парчиња па се одлучив да цртам на машни-пеперутки и вратоврски кои имаат помала површина за цртање, но морам да напоменам дека бараат повеќе време за изработка поради прецизноста“, вели Даниела за Fashionel.

Уникатниот изглед и издвојувањето од мнозинството, е основниот мотив што ја диктира насоката во која се развива нејзината креативност што се рефлектира и во нејзината работа.

„Инспирацијата доаѓа сама по себе. Мислам дека се’ околу мене ме инспирира на некој начин. Најголема мотивација да цртам е тоа да направам нешто препознатливо, за оној коj ќе го носи тоа парче да се издвојува од "толпата", да биде уникатен. Во однос на техниката за цртање , не користам шаблони, цртам директно на материјалот со помош на четки и на тој начин не се ограничувам и полесно го пренесувам она што го имам замислено“,  додава нашата соговорничка.

Во продолжение порачуваме, особено на матурантите, внимателно да ја разгледат галеријата и да го одберат својот фаворит. Кој е вашиот избор вратоврска или машна-пеперутка? За се' што дополнително ве интересира пишете и' на Даниела на следната e-mail адреса: dani_gjurovska@hotmail.com

 

 

Објавено:
13 мај 2015
Категорија: 
Тренд