И покрај фактот што според календарскиот список летото треба да е во полн ек, ние некако сè уште наместо во долгите топли летни денови уживаме во музиката на дождовните капки. Но тоа не треба да биде причина да не ги разгледувате понудите за годишни одмори. Најголемите дилеми кои дамите генерално ги имаат кога заминуваат на одмор е изборот на облека. Без разлика дали планирате на одмор да отидете со друштво или со вашиот сакан ние ве советуваме задолжително во вашиот куфер да оставите место за неколку фустанчиња.
Да, фустаните се одличен избор во кои ќе се чувствувате пријатно, комфорно и лежерно, а сепак ќе бидете вистинска стилска сирена каде и да се појавите. Кратки, лесни, лелеави, колоритни, долги, на преклоп, со ракави или без, со цветови, широки, тесни, со разиграни и асиметрични кроеви, весели, едноставни носете ги во сите форми и големини и нема да погрешите, а рака на срце и не зафаќаат многу простор во вашиот куфер.
Особено актуелни се моделите од последните колекции за пролет-лето кои се со тропски апликации или племенски додатоци на нив, комбинирани со турбан на глава кој не само што одлично се вклопува со вашата модна визија туку ви ја штити косата од сончевите зраци.
Интересен е фактот што фустаните за на плажа можат да создадат креативен моден изглед во зависност од модната фантазија. Ако ги комбинирате со популарните апостолки, тие ќе креираат впечаток на лежерен изглед, ако пак ги споите со сандали на платформа тогаш ќе бидете урбана летна икона, а со чевли на висока потпетица, ќе се трансформирате во елегантна и тренди кралица.
Има милиони варијанти кои можете да ги искористите во ваша полза. Зграпчете ги сончевите зраци, уживајте во синото море и чекорете со стил по белиот песок.