Каква фризура да комбинирате со луксузна тоалета?

17 јули 2013

Секоја девојка, па и жена барем еднаш во својот живот сака да облече долга тоалета со која ќе може да ја истакне својата силуета, елеганција, софистицираност и гламурозност. И сигурно, многу од Вас, нашите верни читателки барем еднаш во животот сте ја одиграле улогата на принцеза.

 

Зухаир Мурат

 

Нашиот тим направи истражување, па според она што го дознавме заклучивме дека најголемиот проблем, кога е во прашање гламурозниот изглед со кој се соочуваат било девојките, било жените е изборот на вистинска фризура и шминка. Следејќи ги ревиите на висока мода за сезоната есен-зима 2013, забележавме интересни стајлинзи, кои како комбинација на фризура и шминка се сведени на минимализам, со нагласување на природната убавина кај самата девојка.

 

Зухаир Мурат

 

Зухаир Мурад воден од паролата „Good girl gone bad“ се одлучи за фризура балеринска пунџа. Имено косата е собрана долу на вратот во пунџа која може да биде мотана, или собрана како кај балерините. Косата на темето е благо подигната, во ретро стил, што на самата фризура и дава еден префинет изглед. Предниот дел кај челото е разделен со патец на средина, шишките се генерално прибрани, но ако се пократки може да се вее и некој испуштен прамен. Акцентот е ставен на лицето, тоа е целосно откриено и доаѓа во преден план. Што се однесува до шминката, очите го однесоа приматот како најважни во истакнување на женската убавина. Акцентирани со туш за очи, темна сенка која го креира замаглениот поглед, а сенките со седефаст сјај служат да ја истакнат гламурозноста. Резултатот е бледо лице, и усни на кои има ставено само дискретен сјај, кој ја нагласува нивната свежина и природност.

 

Армани

 

Армани пак, држејќи се до старата и добра поговорка „less is more“, понуди тотално „гол“ изглед. Шминката е мошне едноставна, бледо лице, нагласено со пудра во прав, чисти очи со блага нијанса на бела сенка со светкави пигменти, за да се постигне порцелански изглед на кукла, која е нежна и природно убава. Усните се во природна нијанса со мат сјај. За делот со фризурата одговорен уредник беше Орландо Пита кој вели дека брановидните движења на прамените се негов предизвик. Инспирацијата е од 1920 и 1930 тите години со примеси од стилот на „Големиот Гетсби“. Целта е да се постигне боб-ефект со бранови.

 

Кристијан Диор

 

Изгледа, дека за претстојната поладна сезона дизајнерите не се мачеле многу кога се фризурата и шминката во прашање. Тоа се потврдува и со изборот на Кристијан Диор. Тој решил да го „освежи“ мачкиниот поглед. Наместо црн туш, користи „ледена-ментол“ варијанта на туш во сива и виолетова варијанта. Нагласени светкави усни во бронзена, темно виолетова или златна нијанса и бледа кожа. Трепките се исто така дискретно истакнати. Косата е во мокра варијанта, залижана наназад и на вратот собрана во пунџа. Лицето е во преден план, со минимална шминка и собрана коса.

 

Кристијан Диор

 

Се чини дека од претходните анализи, сите се стремат дизајнери за претстојната сезона избрале да ги следат тенденциите на  минимализмот, дискретната шминка и отвореното лице. Бледиот изглед е повторно „ин“, природната боја на усни е онаа најпосакувана, а собраната коса е дефинитивно дефиниција за луксуз, гламур и елеганција.

 

 

 

 

Објавено:
17 јули 2013
Категорија: 
Убавина