Одличен избор на фризури за ветровити денови

23 октомври 2013

Есента како годишно време е мошне непредвидлива, но генерално сончевите зраци кои веќе срамежливо се појавуваат од зад облаците се придружувани од дождот и ветерот кои се главните протагонисти во една есенска приказна, а вие и покрај временските неприлики секогаш е пожелно да имате убава и средена фризура. Иако ова навидум изгледа тешко бидејќи покрај фризурата треба да се запазат и трендовите, тимот на fashionel направи една листа на предлози на различни типови фризури за оваа сезона дури и кога има ветер и дожд насекаде.

 

 

Плетенки

Плетенките се секогаш најдобра опција кога станува збор за фризура во ветровите денови. Тие можат да ги издржат и силните влијанија и на дожд и на ветер, а сепак косата да не ви изгледа премногу растурена. Најдобриот избор е таканаречената швајцарска плетенка. Воопшто не тешка за правење. Разделете ја косата на патец, сплетете две плетенки од страна и потоа дигнете ги на темето од вашата глава и зацврстете ги со црни шноли.

 

 

Исто така можете да ги оставите плетенките да висат, а горе околу главата да ставите лента со цвет од страна кој ќе го освежи вашиот изглед. Како пример може да ви послужи украинската политичарка Јулија Тимошенко која плетенката ја носеше околу главата како круна. За да си направите уште поинтересна и поуниктна фризура додека плетете плетенка земете и мотајте лента паралелно во некоја боја која ќе биде складна со стајлингот. Пробајте и одберете што најмногу ви одговара.

 

 

Коњско опавче

Се чини дека коњските опавчиња не излегуваат од мода. Тие можат да се комбинираат во повеќе намени , елегантни, разиграни и слатки, како и да е може да реши многу дилеми кога е фризурата во прашање. Идеална е за ветровито време, бидејќи ќе го спречи разлетувањето. Лесно можете да ја направите, исчешлајте ја косата и соберете ја убаво на темето со помош на чешелот и стегнете со стегач.

 

 

За да го сокриете стегачот може да земете дел од косата да измотате околу стегачот и да зацврстите со црни шноли. Може да додадете и некоја лента која ќе ја врзете во вид на панделка на самото опавче или некоја друга украсна шнола, а зошто да не и венче.

 

 

Балеринска пунџа

Трендот на балеринска пунџа најмногу го наметна Натали Портман кога играше во филмот „Црниот Лебед“. Овој тип на пунџа ја истакнува вашата грациозност, виткост, дамски изглед, а и е одличен избор за ветровито и дождливо време. Ставете малку лак за коса за фиксација и спремни сте.

 

 

Друга можност е да ја врзете косата во пунџа доле на вратот и на страна. И вака може да изгледате убаво и грациозно. Експериментирајте, украсувајте ги вашите ремек дела и не дозволувајте времето да ве депримира, напротив вие покажете дека блескате со совршена фризура.

Објавено:
23 октомври 2013
Категорија: 
Убавина