Косата претставува заштитен знак на секоја жена и најубавиот аксесоар што таа може да го понесе на себе. Во последниве две-три години трендот на навраќање кон класиците навистина зеде замав, барем што се однесува на фризурите, па според тоа, брановидните прамени се можеби најмодерниот и најсигурниот избор доколку сакате да привлечете внимание и да оставите впечаток на девојка која ги следи трендовите.
По примерот на холивудските ѕвезди, а во пресрет нa традиционалните матурски и апсолвентски забави, решивме да ви понудиме неколку решенија за фризури што сигурно ќе ви послужат како инспирација. Се одлучивме на моден пиедестал да ги ставиме пунџите. Нивните трансформации во однос на изгледот и формата во последниве години навистина воодушевуваат и сигурно ќе ја разбудат вашата креативност.
Кери Андервуд на црвениот килим одлучи да се појави со волуменозна фризура, собрана во мала и несредена пунџа собрана на страна. Акцентот е ставен на предниот дел од косата, а Кери докажа дека „непослушните“ прамени можат да се носат и на свечени манифестации, но и на помалку впечатливи настани.
Харизматичната Зои Дешанел, одлучи комплетно да му се „предаде“ на пролетниот зрак, барем кога е нејзината фризура во прашање. За да направите ваква пунџа не ви треба многу време и труд. Косата се собира на страна во коњско опавче, потоа се собира со шноли и се украсува со цветна шнола или брош.
Русокосата убавица, актерката Катрина Боуден се одлучи за балеринска пунџа, но во помалку неуредна форма. Ова е идеална фризура за секој ден, а особено е погодна за оние денови кога вашите обврски не ви дозволуваат да и посветите соодветен третман на косата. Соберете ја косата на темето во коњско опавче, натапирајте го опавчето за да добиете текстура и волумен и потоа замотајте ја косата и прицврстете со шноли.
Мрежите за коса едно време беа задолжителен моден детаљ на жените. Актуелната трудница Скарлет Јохансон понуди вистинско освежување во поглед на еволуцијата на пунџата прицврстена со мрежа. Таа ја врза косата над вратот во опавче, остатокот од косата го прицврсти со шноли и пунџата ја обвитка со мрежа. Оваа ретро фризура одлично ќе се вклопи во вашиот деловен, секојдневен или вечерен изглед. Ќе бидете необични и елегантни.
Црвенокосата пејачка Флоренс Велч се одлучи за романтична и модерна фризура, која што комплетно одговара со нејзините шишки. Плетенката која што личи на украсно венче за коса е вистински избор за секоја девојка која сака да изгледа едноставно, а сепак убаво без многу додатоци.
Мегапопуларната актерка Ејми Адамс, која го обожава класичниот стил, одлучи да вметне ретро вибрации во нејзиниот изглед. Оваа фризура е помалку сложена и бара повеќе труд од вообичаено, но мора да признаеме дека изгледа одлично. Првиот чекор е да ја навиткате косата со помош на фигаро или големи виклери . Потоа поделете ја косата на патец и дигнете ја за да креирате лажен боб. Многу полесно ќе успеете да ја направите оваа фризура доколку вашата коса е долга и густа. Со помош на прстите завиткајте ги прамените во големи локни и прицврстете ги со шноли. На крај за да имате успешен резултат напрскајте малку со лак за коса за полесна и подобра фиксација на фризурата.
Пејачката од Бронкс, Џенифер Лопез важи за стилска икона и моден камелеон барем кога се изгледите во прашање. Во однос на фризурата, го одбравме стајлингот што таа го промовираше неодамна, а тоа е француска пунџа во кежуал варијанта. Оваа фризура можете да ја направите буквално за пет минути. Дајте му фокус на предниот дел од лицето и пуштете ги прамените слободно да паѓаат, а остатокот од косата соберете го позади, над вратот во пунџа, со помош на шноли. За што поприроден изглед можете да пуштите и уште неколку прамени коса кои што во вид на локни ќе паѓаат во насока на лицето.
Во продолжение еве уште неколку фотографии од познатите холивудски диви за доплнителна инспирација: