Луѓето можат без крзно, животните не!

20 март 2018

Автор: Небојша Толески Браво Донатела Версаче! Конечно Ви текна да не употребувате вистинско крзно во Вашите колекции. А, до сега немилосрдно убивте илјадници невини животни само за да ја задоволите страста кон крзното и профитот. Вашата изјава од пред неколку дена "Крзно? Излегувам од тоа. Не сакам да убивам животни за да создавам мода.

Тоа не е во ред" ќе ја сфатам со резерва се додека од вашиот официјален веб сајт не ги тргнете крзнените производи. Замислете, продава јастук од зајачко крзно по цена од 1500 евра. Сепак, за поздравување е нејзиниот потег, па подобро сега отколку никогаш. Вистина е дека природното крзно создава луксузен изглед и гламур. Во комбинација со соодветен накит прави да изгледате раскошно и софистицирано, моќно и приметливо. И згора над се, на вас неколку убиени животни.

А, таков ист ефект дава и вештачкото крзно посебно денес кога технологијата на материјалите е многу развиена. Со години траат расправиите на модната индустрија и организациите за заштита на животните. Постојат две причини за етиката на модните гиганти кои користат вистинско крзно. Првата е нехуманиот однос кон животните бидејќи крзното користено во модата доаѓа од фармите каде се чуваат диви животни во мали кафези и се усмртуваат со свирепи методи за крзното да биде целосно сочувано. Другата причина е еколошка. Производството на животинско крзно носи здравствени ризици поради опсасните хемикалии, а неговата обработка спаѓа во најнечистите индустрии по здравјето и околината. Познато е дека за изработка на бунда од чинчила треба да се усмртат од 150 до 200 мали чинчили што етички е многу проблематично имајќи во предвид дека се усмртува голем број на животни за луксузен производ кој НА НИКОЈ НЕ МУ Е НУЖЕН ЗА ПРЕЖИВУВАЊЕ! Статистиката вели дека секоја година околу 75 милиони кучиња, мачки, куни, лисици и други животни се убиваат за производство на крзнени бунди.

Едно треба да ни биде јасно- модата може без крзно, но животните не! Зошто да се користат живи суштества во колекциите кога природата толку многу дала што секој нејзин дел е инспирација, непресушна, вечна. Зарем не ви е жал вашата бунда или крзнен капут да бидат "геноцидни"? А, имате избор. Исти такви крзна се и вештачките, дури и подобри, засилени со впечатливи дезени, бои и не смрдат.

Во многу земји во светот постојат строги закони кои не дозволуваат користење на природно крзно во служба на модата. Кај нас се уште нема таков закон. Големите брендови како Армани, Томи Хилфигер, Стела Макартни, Келвин Клајн одамна престанаа со зависноста од крзното. Кога можат тие кои губат по неколку милиони поради не користење на природно крзно, а добиваат милиони од користење на вештачкото, можат сите! Крзното дефинитивно нема иднина. Сега повеќе од кога и да е, филмската легенда Брижит Бардо која ја има најголемата организација за заштита на животните веќе 40 години, може да се израдува на плодовите од борбата за не користење на природно крзно и да биде среќна во име на сите нас кои ги сакаме животните.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
20 март 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
226 пати