67-годишна пејачка е новото заштитно лице на Сен Лоран

22 мај 2014

Музичкиот проект кој започна со реализација минатата година, а се однесува на глорифицирање на делото и работата на некогашните познати музички рок ѕвезди, кои позираат во безвременските креации потпишани од модната куќа, повторно е актуелен. Во минатогодишниот успех на музичкиот проект организиран под покровителство на модната куќа на Сен Лоран учествуваа имиња како Кортни Лав, Дафт Панк, Мерилин Менсон и Ким Гордон. Новата хероина во музичкиот проект за оваа година стана 67-годишната Мариан Фејтфул, чиј рокерски стил од 60-тите се покажа како мошне инспиративен за дизајнерите.

Мариан Фејтфул е позната по своите настапи заедно со Ролинг Стоун и Металика, по неколкуте филмски улоги, но и по својата зависност од хероин. Сепак, како личност е мошне фасцинантна и необична ,а тоа беше доволен стимул за модниот фотограф Слиман да изработи фотографски портрет во црно-бела варијанта.

Во последните години, за рекламните кампањи на мода и убавина, познатите брендови и модни куќи за свои заштитни лица бираат жени во малку поодмината возраст, а потврда за тоа не е само Сен Лоран, туку и модниот дизајнер Марк Џејкобс кој за свои заштитни лица во неколку поединечни кампањи ги одбра Кетрин Денев и Џесика Ланг, брендот Нарс кој ја ангажираше Шарлот Рамплинг и Линда Родин која позираше за брендот The Row.

 

Објавено:
22 мај 2014
Категорија: 
Актуел