Бранка Данчевска и Ивана Кнез приказната ја продолжуваат во Карла Студио

1 април 2014

Вчеравечер во срцето на Старата чаршија двете креативни дизајнерки Бранка Данчевска и Ивана Кнез го отворија нивното ново студио Карла во кое сите вљубенички на уникатниот накит ќе може да си го најдат своето совршено парче.

По успешните приказни со студиото „Драма“ и „Loom“, тие го продолжуваат патот на успехот во нивното ново креативно катче каде ќе може да најдете ексклузивен накит од нивниот бренд – Карла.

„Ивана и Бранка „то су срца два“ (се смее)! Ние две сме во партнерски односи веќе трета година. Го имаме Драма студио - бренд на Ивана Кнез, Карла – бренд на Бранка Данчевска и Loom што е заеднички бренд заедно со надворешен соработник - Маја Поп Трајкова. Во суштина работите се многу јасни – две дизајнерки, три брендови. Сите брендови се различни, но ги водиме истовремено и сите имаат една иста пасија“, појаснува дизајнерката Ивана Кнез.

Двете пријателки велат дека она што е различно во нивната нова продавница е дефинитивно амбиентот.

„Тука ќе најдете уникатни, сериски, модни, костимографски, дизајнерски, авангардни...и какви уште не парчиња. Во суштина, ние двете сме различни карактери кои што нудат многу како уметници и ние правиме едни поинакви, чудни, но убави работи за убави жени. Ја одбравме Старата чаршија бидејќи е вистинското место. Нашата продавница се наоѓа на златарската улица, односно ова порано било кујунџиски кварт и на истово место каде што сме ние имало златари. Најстарата продавница што се наоѓала на нашето место, била кујунџиска во која се изработувало накит за бугарскиот цар и во Музејот во Софија сѐ уште има парчиња токму од тој накит. Па еве, ние би сакале да продолжиме таму каде што застанале најдобрите“, велат двете дизајнерки за Fashionel.

За во иднина, двете креативки планираат уште подобро да ги развиваат нивните три брендови и да продолжат на ист начин како и досега – да направат жените да се смеат!

За крај, тие ги повикаа читателките на Fashionel да ја посетат нивната продавница во Старата чаршија каде ќе можат да уживаат во турскиот чај и уникатен накит.

Објавено:
1 април 2014
Категорија: 
Актуел