Нова промена во модниот свет. Местото креативен директор во истоимениот бренд на дизајнерката Дајан фон Фурстенберг го доби дизајнерот Џонатан Сондерс.
Сондерс во декември минатата година го затвори својот бренд, а сега го чека сосема нов предизвик.
-Необичната пасија на Џонатан за бои и принтови, неговите дизајни и желба да направи жената да се чувствува убаво го направи совршен креативен лидер на брендот во иднината. Не можев да најдам покул, поинтелигентен дизајнер и едвај чекам да заблеска како наш креативен директор – изјави Дајан фон Фурстенберг во денешното соопштение.
Инаку, Сондерс работеше на своја линија 12 години, а претходно беше дел и од тимот на „Клое“ и „Пучи“. Се шпекулираше дека тој ќе го замени Раф Симонс во „Диор“, но за тоа време тој преговараше со Дајан.
Со оглед на тоа дека и тој и дизајнерката се љубители на принтовите и фустаните, ќе биде интересно да се види како тој ќе се вклопи во естетиката на овој бренд и што ново ќе понуди.