Најубавите поклони кои може да им се подарат на децата се чувството на одговорност и крилата на независноста – истакнал Денис Вејтли и токму овие две претпоставки се суштина на човековото егзистирање. Односно човекот во суштина не би можел да функционира самостојно, туку зависи од помошта и љубовта на своите најблиски, но и случајни минувачи кои безрезервно би ја подале својата рака. Хуманоста е доблест на најчистите души, а токму таквите не потсетуваат која е убавината на животот. Професорката Виолета Ачкоска и Виолета Сековска организираа поетско – музички хуманитарен концерт со наслов „Од Децата за децата“, манифестација на која, токму најмладите и најчисти души со своите перформанси, не потсетија на детската невиност и наивност, но и доказ дека треба да го негуваме и почитуваме детскиот талент.
„Манифестацијата се вика „Од Децата за децата“, меѓутоа не сакам да кажам со посебни потреби, затоа што секое дете е посебно. Зошто се посебни?Затоа што кога погледнуваме во нивните очи, длабоко тонеме во нивната добрина. Посебни, затоа што не учат да бидеме добри, да земеме љубов од изворот, за на нив да им ја подариме. Често знам да кажам дека како човек на две нозе се раѓаме, но во текот на животот стануваме човек на четири нозе. Човек сам не може да опстане, како алка во синџир сме подредени. Мора да си подадеме рака, како што имам во една песна – Јас подавам рака. Ти подаваш рака. Сите раце збрани. Токму оваа љубов е безгранична. Кога сме среќни, љубовта е безвременска, чувствуваме блаженство. Затоа да помагаме и да правиме добри дела. Во секој од нас има скриено катче на тишината и кога пет или десет минути во текот на денот би се осамиле, би ја пронашле таа добрина и љубов во нас. Ние сме создадени за да си помагаме. Тоа е дел од општеството, а во општеството е народот“ - изјави Виолета Секоска, а во продолжение погледнете дел од атмосферата која со својата разиграност и смеа ја приредија најмладите.