Марио Тестино: Анџелина Џоли постојано ме изненадува!

12 ноември 2014

Декемвриското издание на магазинот Vanity Fair е задолжителната празнична литература за вас!

Покрај секогаш одличните теми и женски разговори, во ова издание е сместен и едиторијал со безвременската убавица Анџелина Џоли,  направен од големиот Марио Тестино.

Прекрасната актерка позира пред неговиот објектив во сензуални бели креации кои дополнително ја истакнуваат нејзината совршена фигура и убавина како ниту една друга на светот.

Фотографот,  на својот Инстаграм профил објави работни фотографии од едиторијалот, на кои уште еднаш се потврдува природната убавина на актерката и насмевката блиска до онаа на Џулија Робертс.

Како што и самиот фотограф ќе каже, тој не можел да одолее ниту на приватните моменти што ги поминал со актерката, па така за време на нивниот работен појадок направил фантастична црно – бела фотографија на која таа позира со широка насмевка облечена во едноставен црн џемпер.

„Таа секогаш ме изненадува со она што го прави. Анџелина е актерка, мајка, сопруга, хуманитарец... Каде и да се појави изгледа неверојатно и зрачи со позитивна енергија како никој друг“, вели Тестино за „Дејли Меил“.

Целиот едиторијал за магазинот беше објавен минатата недела, а на насловната е сместена една од можеби најубавите фотографии, на кои актерката позира со минимална шминка облечена во бела кошула со најголем фокус на нејзините блескави сини очи.

Во интервјуто за магазинот, таа говори за бракот со еден од најпосакуваните мажи во светот – Бред Пит и за тоа колку е прекрасно што конечно се сопруг и сопруга!

Двајцата актери се венчаа овој август во Франција со напишани заклетви од нивните деца, кои исто така ставија свој печат и на венчалниот фустан на актерката.

Во  интервјуто за магазинот, Џоли говори и за тоа дека е „отворена за кариера во политиката“, но посочува на фактот дека нејзината холивудска кариера може да ја спречи во тоа.

„Кога работите за хуманитарни цели, свесни сте дека мора да размислувате и за политиката. Бидејќи ако навистина сакате да направите огромни промени, тогаш имате и огромна одговорност“, вели Џоли.

Објавено:
12 ноември 2014
Категорија: 
Актуел