Младиот дизајнер Златко Јовановски најавува моден бал

7 август 2013

zlatko

Настанот ќе се одржи на 15.август во просториите на Македонски културен центар. Златко истакнува дека овој ден ќе биде посебен за него.

-Модниот бал го организирам на денот на мојот роденден. Но, овој роденден е посебен бидејќи станувам полнолетен. Сметам дека организирам нешто вакво за првпат – истакнува Јовановски.

Но, она што всушност ќе го направат овој настан посебен, се содржините.

-Настанот ќе биде поделен во три дела, кои ќе се одржат во различни простори во рамки на МКЦ. Првиот дел ќе се одржи пред платото на МКЦ, каде всушност ќе биде и пристигнување на гостите и мини-коктелот. Потоа ќе следи и мал перформанс – открива Златко.

Во фоајето ќе се случи и официјалното отворање на балот, како и доделувањето на благодарници. Присутните ќе имаат можност да го проследат и филмот со наслов „Let there be JZJ“.

zlatko 3

-Филмот се состои од шест дела. Првиот дел ќе се однесува на тоа како околината не ме сфаќа. Понатаму, следи делот умирање, за потоа да има повторно раѓање и бесмртност. Секако, филмот не може да помине без дел посветен на љубовта. А тука мислам и на љубовта кон фотографите, медиумите. Што се однесува до крајот на филмот, нема да го откријам. Нека биде изненадување, само ќе потенцирам дека содржи еден многу посебен дел – раскажува блогерот.

Во рамките на настанот е планирана и изложба, во изложбениот салон на МКЦ. Според зборовите на Златко, изложбата ќе содржи цртежи на сè што некогаш сте помислиле дека има врска со модата.

-Сакав да направам спој на сите модни гранки и токму тоа ќе го прикажам преку изложбата. Сите цртежи се мои, а присутните ќе имаат можност да видат скици, изведбени цртежи до готов производ. Всушност, ќе видат како се доаѓа до еден готов производ.

Секако, балот не може да помине без модна ревија, а младиот дизајнер потенцира дека сите парчиња се рачно изработени.

-Рачно изработени корсети, аксесоари, чевли... Сето тоа ќе биде прикажано. Всушност, преку оваа ревија јас ќе ја покажам сета моја умешност. Така, не смеам да си дозволам грешки – вели Златко.

DSC_8845

Тој додава дека на настанот ќе присуствуваат голем број луѓе од модниот свет. Исто така, ќе има гости од Србија, а можно е да се појават и гости од Турција.

-Со овој настан сакам да покажам како јас ја доживувам модата, како изгледа деноноќно да се биде со неа и како е да се живее со мода воопшто. Отсекогаш сакам да сум поразличен и да рушам табуа, па затоа знам дека ќе има и поделени мислења околу овој настан, но во ред е. Јас гледам да го извлечам најдоброто од сè и да се покажам во најдобро светло, вели Јовановски, кој образованието ќе го продолжи во Белград.

Модниот бал на Златко ќе започне во 20 часот.

Во продолжение погледнете го промо-видеото.

Објавено:
7 август 2013
Категорија: 
Актуел