Луј Витон - сè започна со еден куфер

1 август 2023

Мега популарниот бренд Луј Витон, едно од најпознатите модни имиња на денешницата му должи многу на еден куфер.

Долго време пред да бидат создадени препознатливите чанти, марами, паричници, ремени и сите останати нешта со логото LV, постоеше само една генијална рачна изработка што започна сè.

Куферот Луј Витон не е само дел од багаж, тој е уметност и основа за една модна империја.

Самиот креатор цели 17 години изучувал како се прават куфери, пред да ја основа својата компанија во 1854 година, односно да ја отвори првата продавница во Париз.

Луѓето веќе го препознавале како одличен занаетчија, а успеал да и привлече внимание и на тогашната царица на Франција Ежени де Монтијо.

Таа била воодушевена од неговата работа, па го назначила за личен изработувач на куфери.

Како што одминувале годините се повеќе луѓе патувале, а тоа се случувало и се позачестено, па Витон ја искористил можноста да создаде куфер што ќе биде полесен за транспорт и поиздржлив.

Така, тој започнал да креира куфери со четириаголна форма што лесно можеле да се сместат во просторот наменет за транспорт, во брод или во воз.

Како облога на самиот куфер започнал да користи специјален материјал наречен Trianon, во сива боја, којшто воопшто не тежел, а сепак бил многу издржлив.

 

Токму изборот на ова стилско платно одигра голема улога во популаризирање на сите креации на Луј Витон и во ширење на палетата на производи.

Како што одминуваа декадите компанијата претстави уште неколку дизајни сè додека во 1896-та не дојде на ред легендарниот дизајн на куферот со монограмот.

Зад креацијата стои синот на Луј, Џорџ Витон, а истата е посвета на неговиот татко, кој починал четири години пред да биде создадена легендарната верзија.

Џорџ ги испечати иницијалите LV заедно со шемата чија што комплексност имаше за цел да спречи плагијаризам.

На почетокот куферите со новото лого не било добро прифатени, сè до 1910 година кога интересот за Луј Витон нагло се зголемил станувајќи дел од модните додатоци на најистакнатите французи.

Уште една карактеристика на познатиот куфер е катанецот, односно системот на затворање.

Интересн факт е што самиот Хери Худини, мајсторот на магијата, не успеал да се ослободи кога го затвориле во кутија која била заклучена со Луј Витон катанец.

Еден од најпознатите и најексцентричните куфери што некогаш биле создадени од модната куќа е оној на Ернест Хемингвеј во кој што ги чувал своите книги.

По неговата смрт куферот е пронајден во подрум во хотелот Риц во Париз, а во него стоело необјавено неговото ремек дело Подвижна гозба.

Денес традицијата на создавање персонализирани LV куфери и нивниот дизајн еволуира година за година, а модната куќа неретко соработува и со некои од најистакнатите дизајнери.

Имагинацијата, авантгарноста и ексцентричноста во дизајнот се сè уште главни протагонисти во приказната за Луј Витон, бренд кој од скромни почетоци со еден куфер достигна креативност за која што само небото е граница.

Фото:Pinterest

Објавено:
1 август 2023
Категорија: 
Стории
Прочитано:
149 пати