Досега многупати сме пишувале дека додатоците се клучните елементи за комплетирање на еден перфектен изглед. Веруваме и вас ви е добро познато дека модните додатоци ја имаат есенцијалната улога и главниот примат во заокружувањето на секоја стилски формирана комбинација. За оваа зима да биде исклучително модерна и урбана, не мора секогаш да се насочувате кон селекција на додатоци од комерцијалните етикети кои ни се достапни низ градот. Наместо да ја претопувате вашата стилска карактеристика со останатите, ние ви сугерираме да создадете индивидуална слика на вашата препознатливост, со тоа што во вашето секојдневие ќе имплементирате додатоци изработени од македонски дизајнери.
Претходно на домашните ревии не често креациите на писта се прикажуваа во пакет со аксесоари, но извесен период истите не се веќе раритет. Па така, од последните дизајнерски презентации за колекциите есен-зима 2014/15 имавме можност да забележиме креации надополнети со рачно изработени шапки, шалови, ѓердани, чанти, а случај беа и оригиналните чизми со потписот на модната куќа Елена Лука. Со оглед на сезоната за која беа презентирани, во зимските додатоци преовладуваа оние изработени од еко-крзно и волна, но не изостануваа и оние од кожа. Во продолжение селектираме различни видови на додатоци од македонските дизајнери: Лидија Георгиева, Елена Лука, Ирина Тошева, Ивана Кнез, Лудус, Андријана Динева и Александра Митковска.
Во колекцијата на етаблиранта дизајнерка Лидија Георгиева насловена „The colonial spices sollection“ ги издвојуваме специфичните шапки со мал и голем обод, а се инспирирани од 20-тите години на минатиот век. Овие специфични модели се застапени во неколку бои и различни текстури во кои се провлекува духот на Шангај и Бомбај. Шапките секогаш ќе ве позиционираат во центарот на вниманието, затоа доколку сте љубителки на нивната маркантна посебност, изберете некоја од понудата на Георгиева.
Аталјето „Драма“ на младата креативна дизајнерка Ивана Кнез меѓу најновите решенија ви ги презентира специфичните и колоритни крзнени превезоци. Токму ваквите додатоци се едни од најактуелните светски трендови, а според Кнез со овие забавни и оригинални превезоци ќе ја „отклучете“ годината со стил.
Модната куќа Елена Лука во колекцијата ELigion понуди плејада од зимски модни додатоци. На наше воодушевување, конкретната колекција изобилуваше со уникатни крзнени шапки инспирирани од боб- фризурата, квадратни чанти во форма на кутии со златна рачка, неодоливи крзнени шал-наметки, како и специфични рачно изработени чизми од висококвалитена италијанса кожа. Бидете синоним за девојка и жена која преку својата стилска индивидуалност ќе биде препознатлива по префинета селекција на парчиња од кои ќе бидете полни со самодоверба.
Во деби колекцијата на дизајнерката Андријана Динева која се претставува под етикетата „Куфер“, ги погледнавме трендовските шешири и кожени каравици кои на зимските креации им дадоа сензуална нота. Ако сè уште сте во потрага по шешир и ракавици, разгледајте ги и оние од колекцијата на Динева која е полна со женственост, елеганција и ретро призвуци.
Кон крајот на 2014 година, дизајнерите Драган Христов и Нина Симовска изработија заедничка колекција насловена Hybrid Vigor, која ја промовираа во ателјето Just Becaouse. Истата покрај дневните и вечерни парчиња облека, вклучуваше и додатоци изработени од Симовска. Специфичните ѓердани и чанти се направени најчесто од кожа и се рачно доукрасени со геометриски везови.
Од колекцијата на дизајнерката Александра Митковска, која иако е наменета за топлата сезона ви презентираме два модели на чанти. Геометријата и асиметричните конструкции се главна дизајнерка интерпретација на Митковска, а токму такви беа и чантите во форма на топка со масивна рачка.
Гламурот, елеганцијата и сексапилот во креациите на дизајнерката Јована Филиповиќ беше надополнет со топли крзнени шалчиња од обоено крзно. Истите беа во фокусот на повеќето изгледи, а најмногу се истакнуваа на сензуалните и женствени тоалети. Нивната форма е едноставна, затоа се доста практични за различна поставеност за изгледи во дневна или вечерна варијанта.
И во колекцијата „Зебра“ на младата Ирина Тошева, додатоците не беа исклучок. Таа на писта презентираше изгледи заокружени со впечатливи волнени чанти во кои преовладува младешкиот фазон. Освен женските изгледи, младата креаторка со чанти ги надополни и неколкуте машки изгледи кои беа во склоп на колекција. Како продолжување на изработката од овие модели, дизајнерката ја создаде и колекцијата „Spatial explorer“ како е наменета за колективот „The URB CLV“ на архитектката Александра Шекутковска. Нека оваа содржина биде дополнителен стимул да се подновите со уникатни додатоци по кои ќе се издвоите токму по тоа што го карактеризира сензибилитетот на македонските модни креативци.