ИНТЕРВЈУ

Сандра Шевандо: Костимот го дефинира ликот, му помага на актерот да се транформира и ја дополнува нарацијата

7 јули 2022

Во рамките на фестивалот Синедејс во Младинскиот Културен Центар – Скопје, утревечер во 20ч ќе биде отворена изложбата „Лошите девојки од филмовите" чиј автор е Сандра Шевандо. Куратор на изложбата е Драган Христов, додека пак продуцент е Емилија Чочкова / МКЦ.

Во рамките на изложбата, публиката ќе може да види различни рекреации на култни филмски костими носени од култни субверзивни главни женски ликови од 60-тите години наваму. Изложбата ќе опфати различни формати и визуелизации од „живи слики", видеа и графички постери до импровизациски настапи на глумци и оживување на познати сцени од филмовите на сцени специјално поставени низ просториите на МКЦ.

„Контроверзните ликови како Бони Паркер, Петра фон Кант и Северин од филмските автори Артур Пен, Фасбиндер и Буњуел ќе останат запаметени по нивната костимографска визуелизација, која што ќе има силно влијание во секојдневната мода не само во периодот во кој што филмот излегол, туку и
децении нанапред. Она што ги поврзува избраните ликови е нивната неконвенционалност, контроверзноста и противењето на наметнатите општествени норми.", се вели во официјалното соопштение за настанот.

Авторката на проектот, Сандра Шевандо, е стилист на винтиџ облека и колекционерка на винтиџ мода, која живее и работи во Берлин, Германија. Во ова интервју, Шевандо ни открива повеќе за својата професија, фасцинација со винтиџ облека и филмскиот костим, како и самата изложба која утревечер ќе биде отворена во МКЦ.

1. Настанот „Лошите девојки од филмовите" во МКЦ ќе прикаже костими кои биле носени од контроверзни женски ликови во култни филмови. Што се може да очекува македонската публика да види овој петок?

Настанот е всушност костимографска инсталација низ просториите на МКЦ што ќе прикаже реинтерпретации на костимите на женски ликови од селекција на филмови. Со костими од мојот личен фундус ќе се обидеме публикатата да ја конфонтираме непоредно со сцените од филмовите што ги одбравме, односно со костимите на овие контроверзни протагонистки.

2. Која беше идејата и зад креирањето на оваа изложба и која е Вашата цел што сакате да ја постигнете? Зошто токму „Лошите девојки од филмовите"? Што беше пресудно за да се одлучите за оваа категорија на ликови?

Изложбата се роди по идејата на програмскиот директор на Синедејс, Марга Арсова, која ја поврза мојата професија со винтиџ облеката и филмовите. Филмовите ги избрав според мојата лична естетика која е блиска до таа на избраните режисери. Започнав со некои ликови што мислев дека морам да ги обработам и понатаму беше лесно да се комплетира.

3. Што може да се научи за жената преку овој приказ на историјата на женските костими во кинематографијата?

Овој настан не е целосна и исцрпна историја на костимите, се работи за тематска костимографска инсталација и како дел од придружната програма на Синедејс би сакале публиката да се забавува и да доживее едно несекојдневно искуство.

4. Како некој кој долги години е колекционер на винтиџ мода и истражувач на историјата на костимографијата во филмот и телевизијата, би можела ли да ни го објасните значењето на костимот во создавањето и градењето на филмскиот лик?

Костимот го дефинира ликот, му помага на актерот да се транформира и ја дополнува нарацијата. Нам ни беше предизвик да најдеме костими што се култни, кои своевремено започнале трендови и се постојана инспирација и референца во модата.

5. Филмовите отсекогаш претставувале голема инспирација и имале големо влијание врз начинот на кој луѓето го живеат својот живот. Во таа смисла, на кој начин би реклa дека филмската мода влијае врз секојдневната? Би можела ли да наведете некои примери?

Секако дека многу филмови извршиле огромно влијание врз модата и до ден денес се инспиративни за модните дизајнери. Ако го земеме предвид на пример влијанието на костимите на Бони и Клајд или Кетрин Денев во „Убавицата на денот", ќе сфатиме дека костимографијата и модата се тесно поврзани заемно се надополнуваат.

6. Што ја мотивираше вашата страст за колекционирање на винтиџ мода? Како започна оваа приказна?

Со винтиџ облека се занимавам поради магијата на облеката, нејзината моќ да трансформира и да даде поинаков став на оној што ја носи, да упати на време, општествен статус итн. Доаѓам од светот на уличниот перформанс каде што клучен фактор во градењето на ликот или шоуто е костимот. Уште тогаш започнав да наоѓам винтиџ парчиња и да ја градам мојата колекција и подоцна започнав со продажба најпрвин во Италија, па во Берлин пред се', затоа што консумирањето на винтиџ облеката е етичко и одржливо и ги спасува овие фасцинантни парчиња облека од заборав.

7. На кој начин сметате дека винтиџ облеката може да им помогне на луѓето да го редефинираат својот однос со своето тело, естетиката, одржливоста, како и изборот на облеката?

Винтиџ облеката како алтернативен начин на консуменство е поетички и поодржлив од „брзата мода". Можеби се работи за носталгија или едноставно желба за оригиналност и уникатност.

8. Која е Сандра вон колекционерството?

Се' што правам во овој период е поврзано со колекционерството и нема многу „вон" колекционерството. Посветувам голем дел од времето на работата што ме исполнува.

9 Каква е иднината на изложбата „Лошите девојки од филмовите"? Дали ќе го продолжи животот на други локации низ светот и дали имате веќе некакви планови за идни проекти?

Засега немаме такви планови и поради тоа што какрактерот на настанот е прилично ескперментален со возбуда ја чекаме реакцијата на публиката и потоа би направиле планови за инднината на проектот.

Објавено:
7 јули 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
205 пати