„Прво па женско“ мултимедијален настан за индивидуалци

8 март 2014

Со стремежи кон традиционална тенденција која се оградува надвор од маргините на секојдневието, организаторите на настанот „Прво па женско“ по вторпат на едно место собраа поголема здружена сила на креативци. Од различната програмска понуда, сочинета од културно-уметнички сегменти, во холот на Младинскиот Културен Центар вчера и денес, е поставен Базар на ракотворби каде е понуден широк спектар на додатоци и облека за смелите индивидуалци со истенчен вкус. Оваа година за разлика од минатата,бројот на изложувачите е видно зголемен, а своите изработки ги изложуваат: Wizart, Just Because, Плетени колачиња, Глигор Кузмановски, ATAMI & Gaya, Em Ellephanstki, M craft's, Black Fox, Drama Studio, Bip Art, Soro Jewelry, Александра Шекутковска, LUDUS, IsNoGood, Мима Пејоска, KAPKA Jewelry и Ѓорѓе Јовановиќ. Облека,накит и украси за во домот, направени за поинаквите жени и мажи, е одлична можност да се избере подарок.

 

Организаторите велат дека пристапуваат ентузијастички и се надеваат дека настанот ќе прерасне во традиција, а воедно ќе ги собере на едно место сите оние што заслужуваат промоција и претставување пред одреден таргет на публика.

-Бенефитот од настанот е тоа што ние како организатори си одиме дома среќни за она што сме успеале да го направиме. Конкретно идејата за Базарот, е да собереме и да покажеме колку креативци имаме кај нас. За нас е предизвик да ги собереме сите уметници на едно место, само што во контекст на „Прво па женско“ се претставуваат во едно друго светло. Минатата година за учесници контактиравме наши пријатели, луѓе што ни се блиски, а и оние за кои сметаме дека нивната работа не е доволно промовирана во Македонија или се промовира само во одредени кругови. Годинава ги повикавме истите да дојдат, а некои ни се јавија сами, па дури интересот беше и преголем, што кажува токму дека кај нас има многу креативна сила, а очигледно нема каде да го покаже своето дело, вели организаторката Јана Старделова.

Учесниците изложувачи се со заедничко видување дека ваквите настани и тоа како им се потребни,пред се за промоција, а пак публиката е таа што токму од алтернативните настани ќе се запознае и ќе го одбере она што го бара префинетиот вкус.

Дизајнерот Драган Христов, под етикетата Ludus  на Базарот ја постави својата колекција заесен-зима  насловена „Фрост“ која вклучува парчиња токму за поинаквата жена.

-Ова е колекција есен-зима, која за прв пат беше изложена во Полска, а моментално работам на две пролетни колекции. Изложената колекција е за жени кои знаат што сакаат во однос на облеката, знаат дека секое парче облека што ќе го купат и видат на Базарот го зајакнува и зацврстува нивниот идентитет. Така да, сметам дека сите оние што ќе го посетат настанот ќе најдат уникатни парчиња облека или накит. И минатата година бев на настанот и сум многу задоволен од истиот, затоа кога и да ме викнат организаторите јас без никаква резерва ќе прифатам. Важно е дека постои ентузијазам, а бројот на учесници еве оваа година се зголеми, програмата е два дена наместо еден. Се разбира заклучокот е дека што повеќе вакви настани ги има тоа е подобро за градот и културното живеење, вели Драган Христов.

Дизајнерките Милена Атансова и Милјана Атанасова на Базарот се претставуваат со нивната најнова капсулна колекција сочинета од уникатни колоритни парчиња со графички принтови, како кратки панталони, широки и молив здолништа, панталони и палта. А кон нивната претставување се приклучува и Em Ellephantski, која пак изложува декоративни парчиња за во домот и модни додатоци.

-Настанот е пред се одличен зашто вклучува повеќе уметничко-културни сегменти во себе на исто место. Со проектот Атами и Гаја имаме облека, односно мини колекција и аутлет од претходните, а со Em Elephantski имаме модни аксесоари и уникатни декоративни парчиња за во домот. Се надевам дека годинава ќе има многу повеќе посетители и индивидуалци кои знаат што може да најдат на Базарот. Ќе биде добро ако годинава не  врне дожд како лани и нема да ги спречи луѓето да дојдат и да видат нешто поразлично, вели дизајнерката Милена Атансова.

Под етикетата M craft's на Базарот можете да сретнете аксесоари изработени од уметничката Маргарита Симовска, која вели дека овој настан и значи многу, пред се поради промоција и создавање на пријателства и искуство.

-Уште од самиот почеток сум на „Прво па женско“, одлична иницијатива на која ја давам комплетно мојата поддршка. Ми се допаѓа целиот концепт не само Базарот. М craft’s се занимава со рачна изработка, според мене на мали слики преточени во брошеви, обетки, магнати и шноли, со различни мотиви, најчесто изработени од дрво. Токму лани на овој настан запознав доста луѓе, а и добро се промовирав, а и годинава го очекувам истото. Овие настани ни значат многу, токму нас креативците. Знаеме дека таргетот од поавангардни луѓе е помал, но во секој случај со добра промоција и достапност би било помасовно, тогаш пак сосема смислата би добила обратна конотација. Луѓето повеќе се научени на комерцијалност, отколку на дизајнерска уникатна изработка, а со тоа и цената на истиот е несфатлива. Но девојките и жените што доаѓаат тука знаат што точно бараат и сакаат, вели Маргарита Симовска.

Со здружени сили под етикетата Looom,  презентираат и трите млади креаторки и создавачи на алтернативен накит кој пред се е произведен по сите еко стандарди. Ако сте љубителки на уникатниот накит изработен од алуминиум и други специјални еко материјали, ќе ги најдете токму кај нив.

-Прв пат сум дел од настанот, а Loom  е проект на тројца креатори, моден дизајнер,изработувач на филиграни и слободен уметник односно некој вид на склуптор. Работиме сите заедно и користиме материјали што немаат употреблива вредност, односно изгледаат како такви, а со рециклирање, во случајот на дрвените парчиња кои се како постамент на накитот кој пак е изработен од алуминиум, на кој  му се дава втор живот во овој случај. Главната линија што го потцртува целиот проект е создавање на еко база. Додека во Македонија се уште не немаме воспоставени еко стандарди, особено во оваа сфера на креација, се обидуваме сами меѓу себе да се информираме и низ работата да преточиме еден широк спектар на понуда.Треба само да има повеќе вакви настани што ќе се случуваат почесто каде ние креативците ќе прибираме искуство, а публиката доволно ќе не запознае, вели Маја Поп Трајкова, заедно со Бранка Дамчевска и Ивана Кнез под едно име Loom.

Ведрата и позитивна изработувачка на накит Андријана Андреева се води по максимата „ Отворете ги фиоките и извадете ги заборавените работи“, а токму тие заборавени работи од нејзиното секојдневие се трансформирани во оригинални парчиња накит од чија уникатност ќе се изненадите.

-И оваа година сум учесник на „Прво па женско“, а за настанот можам да кажам дека е навистина одличен. Во однос на она накитот што го изложувам мојата порака е „ Отворете ги фиоките и извадете ги заборавените работи“ и рефреширајте ги. На пример имам изложено ѓердан изработен од ѕвоно на еден многу стар телефонсо спој со искинат ремен од ќерка ми, кој сега е претворен во еден одличен ѓердан. Јас креирам, уживам и се трудам секој ден да му се радувам на животот, ако некој купи нешто од мене супер, Андријана Андреева.

Дизајнерката  Нина Симовска, која стои зад етикетата Just Because, е препознатлива по изработката на накит од неконвенционални материјали. Таа создава нослива уметност, иако на прв поглед нејзиниот алтернативен пристап кон работата изгледа необично.

-Оваа година прв пат учествувам на Прво па жаенско, т.е на неговото второ издание. Ми се допаѓа настанот и иницијативата по повод празникот, а учеството на ваквов тип на настани во Скопје па и пошироко , ќе поттикне подобро да се запознаеме меѓу себе, но и истовремено е и одличен начин за промоција на нашата работа. Најчесто во изработката на накитот користам патенти и по тоа е препознатлива мојата работа, но покрај тоа користам и други алтернативни материјали кои се неконвенционални и честопати за луѓето „невозможни“. Но, кога од такви материјали ќе успееш да направиш добро парче накит тогаш си успеал да примениш нова концептуална идеја“ вели Нина чија етикета успешно функционира од 2008 година и веќе е препознатливо име на домашната креативна сцена.

Настанот „Прво па женско“ ќе биде отворен за сите вас во текот на целиот ден, затоа не пропуштајте ја можноста да го посетите и да ги одберете накит или облека која ќе ја носите гордо и на посебен начин.

Објавено:
8 март 2014
Категорија: 
Актуел