Висока мода Париз: Со Готје се шокиравме, со Ели Сааб сонувавме

10 јули 2014

Валентино, Ели Сааб, Жан Пол Готје, Виктор и Ролф се само дел од брендовите што ги претставија своите haute couture колекции за есен-зима 2014/15, доволно провокативни сами по себе да ја разбудат желбата кај љубителите на модата.

Ели Сааб: Препознатлива, но одново прекрасна модна бајка

Ели Сааб

Ако некој знае да создаде прекрасен бајковит фустан, тогаш тоа е Ели Сааб. И овој пат остана доследен на себе и понуди фустани кои веќе сме ги виделе, но одново се воодушевуваме на нивната леснотија, блескавост и гламурозност. Иако Сааб можеби нема некоја уникатна модна приказна, се се сведува на романтичност, сепак изгледа дека има одличен таргет, па е еден од најпродаваните дизајнери.

И овој пат доминираа долгите тоалети во пастелни бои. Новитет кај боите беше омбре ефектот, што одлично се вклопи во неговата романтична приказна. Сирена и А-крој беа најзастапени, а повеќе место им беше отстапено на тоалетите со долги ракави.

Ели Сааб

Кога се украсите во прашање, дизајнерот одлучи да употреби кристали и бисери и тоа сини (од Тахити), бели и во шампањ боја. Присутните велат дека моделите толку блескале, што дури вооопшто не било потребно осветлување. Особен впечаток оставија белите креации, а крајот на ревијата секако беше резервиран за венчален фустан. Она што малку фрли сенка врз целото шоу беше тоа што  неколку манекенки се сопнаа. Дали Сааб ќе продолжи со истата естетика и во наредните сезони, или ќе прифати некоја од сугестиите, како вклучување принт во креациите, дезенирани материјали, интензивни бои и слично, останува да видиме.

Жан Пол Готје: Мрачен луксуз од самрак до зори

Готје

Најозборуваното шоу од вчерашниот ден на висока мода во Париз, со сигурност беше она на генијалниот Жан Пол Готје кој е познат по неконвенционалниот пристап во градењето на својот уметнички израз на сцена. Овој пат, тој ни посака добредојде на  мрачната страна од бајковитите приказни и создаде модернизирана верзија на костимите од филмовите на Дракула, без никаков компромис  прикажувајќи ја  мрачната страна на луксузот. Готик движењето лесно го прочитавме пред се во изборот на црната како доминантна боја, која повремено беше надополнувана со златна, црвена и бела. Грофот Дракула директно го препознававме во кошулите со изразени карнери, црното кадифе, богатата тантела и нагласените рамена. Техниката мулаж при изработката на ракавите или здолништата на креациите, сепак не’ потсети дека зад целиот сензационализам на вамп шоуто, сепак најзначајен е мајсторскиот талент во „ткаењето“ висока мода, а Готје е и мајстор и раскажувач истовремено.  Фризурите и шминката го следат истиот вамп фазон: бледите лица на манекенките беа истакнати во пределот на очите и устата со „крвави“ нијанси, а високо кренатата коса беше волуменозна и изгледаше несредено.

Меѓутоа, покрај модната приказна, раскажувачот на самиот крај го пренасочи шоуто и предизвика реакции кај публиката со тоа што ја одбра конторверзната Кончита, годинешниов евровизиски победник, за главна вамп-невеста која ја затвори ревијата, а отвори многу теми за дискусија, особено кај публиката и медиумите.

 

Виктор и Ролф: Рапсодија во црвено

Виктор и Ролф

Како и претходните две колекции на Виктор и Ролф, и оваа е целосно изработена во една боја – различен тоналитет на црвената. Силуетите  на  сите креациите наликуваат една на друга, а заеднички моден детаљ кој ги поврзува се и огромните панделки поради што се добива впечаток дека секој модел е подарок со љубовна порака. Во еден момент панделката е позиционирана високо на рамената, а надолу креацијата преминува во волуменозна тоалета, а во друг момент со украсниот детаљ е нагласена половината на коктел фустанот со должина над колената.  Црвена е и бојата на патеката по која се движат манекенките, што ја наметна и констатацијата дека вака Виктор и Ролф најавуваат како ќе изгледа нивната девојка на црвениот килим?

 

 Валентино: Враќање кон минатото

Валентино

Досега во повеќе наврати минатото беше инспирација за новите колекции. Диор, Шанел, Армани посегнаа по минатите естетики, а сега и Валентино. Она што беше презентирано на пистата вчеравечер беше естетиката на 19-от век, поточно на Римјаните претставена во 21 -от век. Така, особено внимание привлекоа гладијаторските сандали во комбинација со фустани до колена. Всушност низ целата колекција сака да се потенцира на младоста и леснотијата од една страна, но суровоста и борбеноста од друга.

Валентино

Во тој контекст може да се каже и дека природата многу придонесе за инспирацијата и комплетирање на колекцијата. Не останаа не забележани рачно цртаните маргаритки врз органзата во боја на кожа, како и фустаните од природни материјали како волната, која имаше речиси рустичен квалитет. Златното ламе исто така беше застапено кај палтата, а и кожата во модните додатоци. Тулот придонесе за леснотијата на фустаните во последниот дел од шоуто, а ниту ревијата на Валентино не помина без кристали и бисери.

Валентино

Она што беше можеби најголемата иронија во целата приказна околу модното шоу беше што во првите редови се појави Ким Кардашијан, а на пистата немаше ниту еден модел за девојки со изразени гради и задник.

Објавено:
10 јули 2014
Категорија: 
Колекции