Изминатиов период се одржа 21-то издание на холандската модна недела во чии рамки се одбележа десетгодишнината од Мерцедес-Бенз модната недела во Амстердам за сеозната пролет-лето 2015. По повод јубилејот, организаторите решија ова издание да помине во знакот на десетката. Беа организирани десет настани, на десет различни локации, а модната недела Амстердам траеше десет дена. Сите активности беа отворени за секого, без претходни закажувања и покани. Поголемиот дел од настаните се одржаа на културни локации кои претставуваат значајни обележја за главниот град. Мерцедес-Бенз модната недела во Амстердам во соработка со најголемиот европски моден гигант за продажба на облека и модни додатоци за жени и мажи Заландо се фокусираа на промоција на модни шоуа кои ќе ја зголемат свеста за модата не само во Амстердам, туку генерално низ целата држава.
Модната недела траеше од 4-ти јули, се до 15-ти, а честа да ја затвори еминентната манифестација имаше дизајнерот Пол Шултен. Освен Шултен, на модната недела Мерцедес-Бенз во Амстердам учество земаа и голем број други дизајнери кои ги претставија своите најнови колекции во амбиенти кои целосно пулсираа во духот на културата и традицијата на земјата. На 37 метарската писта видовме доминација на карнерите како во машките така и во женските колекции.
Акцентот падна на екстравагантноста со што дел од креациите без разлика дали се за мажи или жени беа тотално неносливи и смешни, инвентивна и храбра игра со кроеви, геометриски структури на композициите, афирмација на широките ракави, лелеави карнери, колорит кој се движи во екстреми од монохроматски контрасти на црно бели нијанси до вистинска плејада на живи бои и дезени каде апсолутен победник беа цветните принтови. Дизајнерите се потрудиле во своите перформанси целосно да ги сплотат не само модните визии, туку и музичките ноти, а дел од нив го вметнаа и танцот на писта што беше навистина впечатливо освежување и нов начин на претставување. Посетителите не само што беа сведоци на иновативни модни претстави, туку за прв пат гледаа писта која беше осветлена со ЛЕД светилки.
„На ова 21-во издание можевме да уживаме во спектакуларните модни перформанси и други културни настани кои беа проследени од повеќе од 1000 гости. Дизајнерите покажаа дека имаат високи цели и презентираа фантастична работа. Разновидноста е показател на креативниот набој, енергија и бескрајните можности не само за дизајнерите, туку генерално за сите уметници. Можам само срдечно да ви заблагодарам и да ве пофалам за прекрасната организација на настанот и одличните резултати“, рече во своето обраќање еден од организаторите на настанот.
Наредното 22-ро издание на Мерцедес Бенз модната недела во Амстердам ќе се одржи од 16-ти до 26 јануари 2015 година, а до тогаш Модната недела Холандија ќе организира различни модни активности кои ќе помогнат за афирмација на веќе постоечките но и новите дизајнерски имиња од земјата.
Само да напоменеме дека во тек е машката модна недела во Њујорк, чиј официјален старт беше вчера 20-ти јули, а ќе трае се до 23 јули. Во продолжение погледнете ги највпечатливите изгледи од Амстердам.