Веќе добро знаеме дека модата од златните историски години се враќа на голема врата, а сега е вистинско време да се потсетиме на некои од најдобрите трендови со доза модернизам од новото време што дефинитивно ќе бидат актуелни следнава сезона.
*Фустани
Фустаните без сомневање се најжествените парчиња во женските плакари, а особено оние со ретро призвук. И додека панталоните станаа главното класично парче кај девојките, оваа сезона фустаните повторно се враќаат на пиедестал. Плетените фустанчиња ќе ги носиме секој ден од сивата есен и дефинитивно ќе се чувствуваме најудобно и пред сѐ – топло! Свилените ретро фустани ќе ги носиме за свечените вечерни прилики, додека неодоливо потсетуваме на прекрасната Бејби Хаусман од култниот „Dirty Dancing“. За да не бидете здодевни во комбинациите, на едноставниот плетен фустан додајте му по некоја марама на интересен начин и стегнете ја половината со ремен како што тоа го направи Барбери!
*Здолништа
Нивното величество – здолништата! Од сезона во сезона, тие сѐ повеќе владеат на модните писти и улиците каде девојките ги комбинираат вистински величествено! Најзастапени се ретро здолништата во А – крој што се шират од половината надолу, но и оние плисираните на кои не можеме да им одолееме. Вистинската ретро комбинација со модерни ноти за која сме сигурни дека ќе биде вистински есенски хит, е онаа на вакво здолниште со ролка каква што Одри Хепберн обожуваше да носи. Доколку пак на оваа комбинација и додадете високи чизми, истата дефинитивно ќе предизвика општо воодушевување!
*Женски костими
Женските костими се дефинитивно вистинска стилска ризница години наназад. Според колекциите на бројните дизајнерски куќи, женскиот костим ќе биде нешто во што девојките ќе уживаат и ќе се чувствуваат секси следната сезона. Истите беа вистински хит во 80 – тите години, а девојките во нив изгледаа неверојатно моќно, особено фасцинантната Џоан Колинс која тогаш беше вистинска кралица! Во комбинација со костимите, женските кошули се нешто што исто така ќе биде неизбежно следната сезона, а за совршен крај ставете ремен на половината преку палтото!