80-годишната Џоан Дидион е новата ултимативна Селин жена

8 јануари 2015

Легендарната американска писателка и новинарка, 80 – годишната Џоан Дидион, стана заштитно лице во пролетната кампања на модната куќа Селин.

Оние кои не ја следат модата многу агресивно, можеби ќе бидат малку збунети и затекнати од оваа одлука, но модните инсајдери знаат колку всушност е значаен овој потег кој во последниве години прерасна буквално во тренд. Џоан Дидион е ултимативна Селин жена. Фиби Фило со години е инспирирана  со „кул – појавата“ – Џоан Дидион. Нејзиниот минимален стил, лицето без шминка и разбушавената  коса, според Фило, се всушност компоненти кои споени заедно имаат своја смисла и насока.

Џоан Дидион е писателка, сценаристка, авторка на пет романи и десетици есеи, ѕвезда на интелектуалната сцена во Њујорк, поранешна уредничка на американското издание на списанието Vogue од 1956 до 1963 година, а се вбројува и на листата легенди. Нејзиниот интелект стана база за претставување на идеалната Селин жена -  жена која е секогаш одмерена, но и покрај се многу промислена, модно освестена и инспиративно опуштена. Во моментов е присутен само еден фотографски кадар, снимен од страна на Јирген Телер, на кој Џоан позира во едноставен црн фустан од пролетната колекција на Селин во комбинација со големи црни очила за сонце.

Дали оваа хероина на модерното време ќе се појави и на другите фотографии во кампањата ќе дознаеме за многу кратко време.

Можеби тренд и не е вистинскиот збор, за оваа појава која е во полн ек, особено последниве години. Афирмацијата на возрасните модели и хероини од нашето време прерасна во предизвик за модните инсајдери, но и еден вид насока кон враќање на вистинските вредности на однесување и живеење што резултираше со лавина позитивни реакции и критики.

Дел од луѓето се изненадени, но оние кои добро познаваат како функционира модната машинерија  велат дека би било одлично ако ова стане вообичаена практика. Всушност убавината на оваа тенденција е фактот дека можеме да земеме пример од овие жени кои на еден мошне суптилен и оригинален начин станале хероини на едно време и се одржале како такви и денес и затоа со право го носат епитетот легенди. Се чини дека не само Селин, туку и модниот двоец Долче и Габана реши покрај традиционалните вредности и обичаи во новата пролетна кампања да ја врати љубовта и почитта кон повозрасните. Модното дуо и во претходните свои кампањи секогаш презентираше генерациски јаз, ангажирајќи ги Клаудија Шифер и Моника Белучи кои веќе ги надминаа 50 – тите години.

Модната куќа Живанши секако се вброи во оваа група на револуционери, бидејќи за својата пролетна кампања ја ангажираше актерката со широка насмевка Џулија Робертс.  Наоми Кемпбел доживува вистинска ренесанса на фотографиите за Барбери Прорсум, а Гема Вард после шест годишна пауза од модните рефлектори, повторно го врати изгубениот сјај во пролетната кампања на Прада. Кејт Мос е можеби најангажираната  манекенка кога станува збор за оние повозрасните.

Објавено:
8 јануари 2015
Категорија: 
Актуел