Славните ремек дела и целосниот опус на беспрекорното портфолио на светски познатата фотографка Ени Лејбовиц ќе бидат собрани во печатено издание. Станува збор за книгата насловена „СУМО“ (SUMO-sized book), која ќе биде објавена од страна на издавачката куќа Ташен.
Во март новото лимитирано издание на оваа книга ќе биде пуштена во продажба, во вид на збирка на дела избрани од 40 годишната кариера на една од најпознатите фотографки на нашето време Ени Лејбовиц. Се очекува публикацијата да биде со необична креативна визија како што впрочем е и самата Лејбовиц. Ширината на книгата ќе биде 50 сантиметри, долга 69 сантиметри и тешка околу 5 килограми. Вистинско скапоцено колекционерско дело.
Ени Лејбовиц е поврзана со фотографската уметност веќе 40 години и за целиот тој период има создадено десетици ѕвездени фотографски портрети кои се појавија на насловните и едиторијалите во некои од најпознатите светски магазини како Vanity Fair, Vogue и Rolling Stone. Како најспектакуларен фотографски момент е избрана фотографијата со Јоко Оно и Џон Ленон од 8-ми декември 1980 година, слика која подоцна се најде на насловната на Rolling Stone. Ова е и последната фотографија на Џон Ленон, кој беше убиен неколку часа по фото сесијата.
„Моите книги се сведоци на мојата работа во одредено време. Тие се засебни проекти, но повеќето се прилично конвенционални. Јас воопшто не бев свесна дека мојот работен опус ќе прерасне во предизвик и дека некој ќе се сети да го вметне во книга, се до денот кога германскиот издавач Бенедикт Ташен не дојде и не ми кажа дека сака да ги објави моите фотографии во лимитирано издание на книга, која ќе биде изработена на сличен начин како едицијата од 1999 година на Хелмут Њутн. Според Ташен, СУМО ќе биде во вистинска смисла на зборот најголемата книга објавена во 20-тиот век , вели фотографката.