Џенифер Лопез: Почнувам да чувствувам дека имам 50 години

1 ноември 2018

Новата насловна на магазинот „Инстајл“ секако предизвика големо внимание. На неа се наоѓа Џенифер Лопез, но уште повеќе се зборува за фотографиите кои се наоѓаат внатре.

Пејачката и актерка е препознатлива по нејзините облини и со задоволство ги покажува, а овој пат се чини отиде и чекор понатаму.

Но, внимание предизвика и она што го зборува во текстот. Таа се осврнува на нејзините почетоци, на тоа како низ годините созреала, за љубовта, но и дека сепак почнува да чувствува дека има 50 години и новиот филм што го снима, насловен како „Second Act“.

„Да немав јасна амбиција, можеби ќе се омажев после средно училиште, ќе имав деца и ќе одлучев да работам во банка, како што тоа го направи тетка ми. Но, јас имав соништа и идеи што беа поразлични“, кажува на почетокот на разговорот.

Таа додава дека низ годините, речиси три децении колку што е на сцената, имала подеми и падови, но сега најдобро се разбира себеси - денес е мајка на 10-годишни близнаци, медитира, актерка е и пејачка... Покрај сето ова настапува во Вегас, а е и судија во музички шоу-а. Сето тоа ѝ помогнало да создаде самодоверба која што на почетокот на кариерата, поточно со филмот „Селена“ (1997), каде и за првпат се појавува, го немала.

„Разговарав со роднина, што ме познава од дете. Тој ми кажа дека кога и да ме види на телевизија си помислува: „Беше исплашена, но секако го направи тоа“. И во право е. Бев престрашена на почетокот, но навистина сакав да пробам да го правам сето ова што денес ми е преокупација. И не можам да разберам зошто ако си актерка и пејачка, не можеш да си и танчер. Но, така и започна целиот бизнис - како забава! И зошто да не сте и забавна актерка, но и некој што ќе глуми во драма. Некој не може да го прави тоа, ама тие што можат, пуштете ги, нека го прават!“, посочува ѕвездата.

Околу темата за притисокот што се создава околу Инстаграм-брендирањето во денешната „селебрити култура“, Џенифер смета дека денеска е многу подобро отколку во времето кога на пример се забавувала со Бен Афлек, кога таблоидите се бореле за папараци фотка на нејзиниот веренички пристен.

„Тогаш беше многу полошо. Беше лудо! Сега со социјалните мрежи можам да покажам која сум, макар малку.  Тогаш се веруваше во сè што ќе се прочита во таблоидите. Многупати не било точно или се пренесуваше само третина од вистината. Но, младите актери што не се соочиле со тоа „таблоидна ера“ имаат притисок од социјалните мрежи и селфиманијата. Знам дека сега звучам како мајка ми, но јас пешачев до училиште!“, вели Лопез.

Низ интервјуто се наметна и темата за љубовта и нејзиниот сегашен партнер Алекс Родргез.

„Луѓето го гледаат сега како спортист, но и посветен татко кој си ги сака децата и секогаш е тука за својата девојка. Покрај тоа, оваа врска e поискрена од било која претходно. Кога се запознавме, и двајцата веќе многу работевме на себе. Секој има недостатоци и луѓето што ги сакам во мојот живот се луѓе што го сфаќаат тоа и имаат желба да работат на тие недостатоци“.

Продуцент на новиот филм ќе биде ГЕлејјн Голдсмит Томас, која пак ќе рече дека Лопез иако нема факултетско образование е попаметна од многу други и највредната личност што некогаш ја запознала. Во новиот проект ќе го толкува ликот Маја, а деталите сè уште не се откриваат.

За крај, и покрај тоа што во јули ќе наполни 50 години, изгледа како да е далеку помлада. Вели, енергетски не се чувствува дека наскоро ќе започне да ја живее шестата деценија од животот, но од друга страна, забележува и одредени промени, како тоа дека наскоро ќе ѝ бидат потреби очила за читање.

„Понекогаш почнува да ме боли и грбот. А и покрај тоа што постојано вежбам и многу танцувам, забележувам дека ги „губам“ мускулите. Сепак, најголема заслуга за мојот добар изглед во овие години е тоа што уште во времето на адолесценцијата имав рутина - нема кафе, нема алкохол и има многу спиење. Се грижев за себе отсекогаш и тоа сега се покажува“, вели Лопез.

А за тоа дека наметнува нови стандарди на убавина поради облините, ќе рече:

„Не бев свесна дека го правам тоа. Само бев тоа што сум. Во моето семејство облините се слават и се дел од културата. „Џенифер има голем задник и тоа е добро“. Кога почнував да се занимавам со овој бизнис, постојано се прашував дали сум доволно добро, дали сум воопшто добра, дали треба да бидам подобра, што да направам за да бидам подобра, а сега знам дека сум добра и едноставно сакам да го правам тоа.

 

фото извор: instyle.com; pinterest.com; 

Објавено:
1 ноември 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.772 пати
Извор: 
instyle.com