Среќен роденден Мадона

16 август 2023

Кралицата на поп музиката, Мадона, е родена на денешен ден 1958 година.

На свои 65 години, можеме да кажеме дека мега ѕвездата достигна слава за којашто сигурно не сонувала како мало девојче кое растело без мајка.

Токму таа празнина и борбата да се успее во животот ја донесе ултра амбициозната Material Girl онаму каде што е сега.

Мадона е позната по тоа што постојано се реосмислува себе си. Низ времето нејзината кариера имаше голем број на подеми и падови, а слично беше и со нејзиниот приватен живот.

Поп иконата е седумкратен греми добитник и има продадени над 300 милиони плочи и ЦД-а ширум светот.

Нејзиното целосно име е Мадона Луис Чиконе, а како трето од шест деца имала причина повеќе да се избори за нејзиниот глас во семејството.

Таа енергија и борбеност, а да не го изоставиме и огромниот талент за шоубизнис, ќе ѝ ги отвораат вратите во следните години.

Од танчар, член на група, водечки вокал, па сè до мега успешна соло кариера, Мадона се има испробано во речиси секој сегмент од забавната индустрија.

Забележува и повеќе фимски улоги, но музиката ќе биде таа со којашто ќе го освои светот.

Заедно со неа, Мадона умешно ќе ги вклопи и низата контроверзни видеа, изјави и неверојатен моден стил, којшто ќе го копираат девојките ширум светот.

Нејзините песни ќе станат едни од најслушаните и ќе останат најдолго на топ 10 листите во САД.

Во 2008-ма Мадона е прогласена за најбогата пејачка од страна на магазинот Forbes.

И кога ќе падне таа повторно се враќа, на свои 65 години мораше да ја откаже светската турнеја, но деновиве се огласи и им порача на своите фанови – Се гледаме за кратко.

Таа останува една и единствена, а Papa Don't Preach, Like a Prayer, Vogue... и останатите мега хитови уште долго ќе одекнуваат.

Среќен 65-ти роденден Мадона!

Фото:Pinterest

Објавено:
16 август 2023
Категорија: 
Sweet 40+