Пет ултимативни трендови од Коачела

22 април 2014

Иако временските услови периодов не' предомислуваат повторно да ја активираме топлата облека, сепак се надеваме дека ваквото време нема да потрае уште долго и дека ќе ја уживаме вистинската пролет набрзо. Неодамна завршената музичко-модна манифестација Коачела со напливот на креативни изгледи на познатите, не' инспирираше што прво ќе облечеме кога тоа ќе го дозволат климатските услови.

 

Мини фустани со интересни исечоци

Веќе неколку сезони тенденциите кои ги наметнуваат модните гуруа не ги изоставуваат мини здолништата, особено оние со интересни исечоци кои суптилно покажуваат кожа. Токму во такво издание, со мини здолништа во едноставни минималистички кроеви и разиграни принтови, на Коачела се појавија Кејт Босворд, Леа Мишел и Харли Виера-Њутон.

 Разресени модни парчиња

Оваа сезона ресите доминираат и во изборот на модни додатоци, како и кај  трендовските парчиња облека: од разресените ракави на кратките спортски јакни до летните бермуди со разресени рабови. Неизоставени беа и во ултра уникатните стилски комбинации на Коачела. Нас особени ни беа впечатливи како во својот изглед ги комбинирале Кејт Босворд и Попи Делевињ.

 

Романтична, а истовремено и провокативна тантела

Меѓу омилените парчиња на познатите кои уживаа  на Коачела беа и оние изработени од тантела, иако на прв поглед можеби делува несоодветно за фестивал на отворено. Сепак, умешноста во комбинирањето на тантела со спортски и лежерни парчиња облека како кратки панталони и топови, издвои неколку интересни изгледи како оние на Рита Ора и Кендал Џенер.

 

Трпоски принтови

Нема ништо посоодветно за пролетен музички фестивал во Калифорнија од шарени и разиграни тропски принтови. Го следат позитивниот и темперамнетниот дух на манифестацијата и дозволуваат целосно ослободување на креативната енергија преку изборот на колоритни и бескрајно иновативни варијанти. Токму таков беше и изборот на Бијонсе и Кејти Пери.

 

Сплетено во плетенка

Апсолутен хит кога во прашање е изборот на фризура се плетенките. Истовремено се практични, не одзимаат многу време во средувањето на косата, а траат доволно долго за да ги проследите сите настапи на омилените музички ѕвезди. И овој пат на Коачела видовме богати и различни варијатни на плетенки, едни ја сплетале косата со природни цвеќиња, други направиле венче исплетено од сопствената коса, додека трети се одлучиле за наједноставната варијанта со целата коса сплетена во една плетенка на страна.

 

 

 

 

Објавено:
22 април 2014
Категорија: 
Тренд