Не се сите родени со бујна и густа коса. Но, тоа не значи дека тие што имаат тенка коса и помалку волумен не можат да имаат интересна и убава фризура.
Крената коса
На косата првин нанесете малку спреј за волумен, па просуште го главата спуштена надоле (за да добиете уште поголем волумен). Потоа косата поделете, од ушите кон напред и тоа во три различни делови - лев, десен и среден.Повторно спуштете ја главата, па од останатиот заден дел од косата исплетете внатрешна или обична плетенка.
Врвот на плетенката свиткајте го во мала пунџа на врвот на темето или странично, во зависност од тоа колку ви е долга косата.
Лесно натапирајте го левиот и предниот десен дел од косата. Лесно зачешлајте го левиот и десниот дел наназад и кон вашата плетенка, па косата од една и друга страна свиткајте ја во уште една мини пунџа, која ќе ја прицврстите со шноли. Целта е да ја сокриете линијата на поделбата на предниот (горен) и задниот (долен) дел на косата.
Преостанатиот среден прамен исто така благо натапирајте го, свиткајте го и издигнете го, прицврстувајќи го со шноли. Остатокот од косата обвиткајте го околу пунџата. Додајте шноли каде што е потребно и завршете со лакот за коса.
Коса со дополнителен волумен
Иако можеби малку ќе потрае да ја исушите косата и да ја обликувате, ќе се исплати поради дополнителниот волумен во коса.
Одвоете го предниот дел од косата, се од ушите кон напред, а потоа земете прамен со дебелина од еден прст и свиткајте ги во „полжавчиња“ и прицврстете. Продолжете да го правите тоа, се додека не ви остане „пуштен“ само долниот дел од косата.
Почнувајќи одзади, сушете ја косата со кружна четка. Немојте да земате премногу широки прамени. Косата на коренот кренете ја со четка, а потоа повлекувајте од долната страна, за да добиете на волумен. На тој начин просушете ја целата коса, вклучувајќи го и предниот дел.
Ако сакате уште повеќе да имате волумен, тогаш земете и фигаро и со него виткајте поголеми прамени коса. Ако сакате долготраен волумент, после виткањето, секој прамен повторно завиткајте го и прицврстете го со шнола, па оставете така да се излади.
Кога ќе завршите, пуштете ја косата и лесно прочешлајте ја. Фризурата завршете ја со малку лак за коса со слаб до среден зацврстувач, затоа што со останатите косата ќе ви стане тешка и волуменот ќе спласне.
Не-совршена плетенка
Косата просушете ја волуминозно следејќи ги чекорите од претходната фризура. Првин косата просушете ја со фен и четка. После тоа поделете ја на патец на страна.
Потоа поголемите прамени од косата навиткајте ги на фигаро. Секој прамен испрскајте го со лак пред и после виткањето. Откако тоа ќе го направите, секој прамен повторно со прстите навиткајте го и прицврстете го со шноли и оставете така да се излади.
Кога косата ќе се излади, расплетете ја, па целата коса од напред кон наназад натапирајте ја. Потоа, од десна страна почнете да ја плетете внатрешната плетенка, од увото кон задниот дел.
Со прстите малку раздвоите ја плетенката, исчешлајте го горниот дел од косата и финиширајте ја фризурата со лак за коса.