Како да се нашминкате за Нова година?

26 декември 2014

Каков да биде изборот на шминка за најлудата ноќ во годината е едно од најпоставуваните прашања овој период. Дамите сакаат секогаш да изгледат впечатливо особено на новогодишната ноќ, па им излегуваме во пресрет со туторијал и професионални совети од  водечките гиганти во декоративната козметика Живанши и Буржоа.

На една недела пред еуфоријата make – up артистите кои работат во компаниите се одлучија за светли усни, металик текстури и smokey изглед.

Тимот експерти од компанијата за декоративна козметика Буржоа одлучи на дамите да им презентира видео туторијал во неколку чекори кој ќе им помогне  на сите припаднички на понежниот пол во новогодишната ноќ да изгледаат романтично.

Артистите советуваат на лицето да нанесете течна пудра која ќе има бисерен сјај. Очите можете нежно со прстот да ги поминете со сенка во нежен сребреникав сјај. Потоа на горниот дел од капакот со молив во сребрена боја да го исцртате до линијата каде ви завршува окото. Долниот дел над трепките исто така оцртајте го но со црн молив за да направите линија со која ќе го фиксирате погледот. Маскара за густ волумен на трепки е задолжителна, бидејќи на тој начин ќе добиете впечатлив мачкаст поглед. Карминот во пастелно розова нијанса со металик сјај ќе му даде одличен финиш на целиот изглед. По желба можете да ставите руменило со кое нежно ќе ги акцентирате јаболкниците, без да претерувате, бидејќи подлогата има доволно сјај. Едноставноста е секогаш во мода, тешките сенки и многуте слоеви на пудра можат само дополнително да го оптоварат вашето лице, а вие сигурно не сакате проблеми на најлудата ноќ во годината.

Креативниот тим на Живанши е предводен од make – up артистот Евгенија Тарасова, која вели дека празничната шминка не мора да биде смела и „тешка“, туку напротив да биде она во што тие најдобро се чувствуваат. За почеток треба да нанесете мат пудра која ќе соодветствува со тенот на вашата кожа. Потоа следува нанесување на коректор на делот околу очите и онаму каде што ви е потребно и сметате дека треба да нанесете за да покриете некоја флека или акна. Во однос на очите шминкерката вели дека доволно е само туш за да ја нагласите и акцентирате линијата над трепките и маскара со која целосно ќе го комплетирате погледот.

Бидејќи очите не се премногу нагласени, Тарасова вели дека акцентот треба да биде ставен на усните. Кармин во темна мат виолетова боја со милиони светки во различни тонови ќе направи да бидете посебни и да се чувствувате гламурозно. За крај малку руменило и фиксатор и забавата може да почне.

 

 

 

 

Објавено:
26 декември 2014
Категорија: 
Убавина